Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) е уставна категорија со статус на основно право на секој вработен кое влегува во групата на „уставно гарантирани основни економски, социјални, културни и хуманитарни права на човекот” (член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија).

Речиси во сите земји оваа област е регулирана со законски и подзаконски акти. Во согласност со Програмата за работа на Владата на Р. Македонија 2006-2010 година и Националната програма за усогласување на законодавството на Р. Македонија со законодавството на Европската Унија, покрај другите обврски се наметна и потреба да се усогласат и законите и подзаконските акти кои ја регулираат областа на безбедноста и здравјето при работа. Законската регулатива од оваа област се однесува на Закон за безбедност и здравје при работа (Сл. весник на РМ бр.92/07 од 24.07.2007 година), Законот за изменување и дополнување на Закон за безбедност и здравје при работа (Сл. весник на РМ бр.136 од 03.10.2011 година) и група подзаконски акти кои севкупно ја организираат, уредуваат и обезбедуваат безбедноста и здравјето при работа.

Со Зконот за безбедност и здравје при работа и неговите измени и дополнувања се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивни мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

Одредбите од овој закон се применуваат во сите дејности на јавниот и приватниот сектор за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионалните болести според прописите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување и за сите други лица кои се вклучени во работните процеси.

Кога станува збор за безбедноста и здравјето при работа не се означува само заштита на вработениот од физички повреди и професионални заболувања, туку и заштита на неговата психичка (морална) личност што претставува доста комплексно прашање кое во денешно време станува се поактуелно.

Притоа работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства.

Согласно член 11 од Законот, секој работодавач мора да изготви и спроведе Изјава за безбедност за секое работно место, прецизирајќи го начинот, како и мерките кои треба да се преземат.

Без разлика на дејноста на работење, работодавачот согласно член 17 од Законот, мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со:
  • Назначување на едно или повеќе стручни лица за безбедност (интерно или надворешно).
  • Донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи.
  • Донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност.
  • Обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма.
  • Обезбедување опрема за лична заштита за вработените и нејзината употреба, доколку преземените безбедносни мерки во работната средина не се доволни.
  • Вршење повремени прегледи и испитување на работната средина и опрема.
Преку планирањето на мерките и средствата за безбедност и здравје при работа, се обезбедува:
  • Намалување на можноста од повредување на вработените.
  • Намалување на непланираните финансиски трошоци за оштети и медицински лекувања.
  • Намалување на трошоците потребни за ангажирање, обучување и следење на работник кој доаѓа на местото на повредениот.
  • Зголемување на довербата помеѓу раководството и вработените.
  • При евентуална несреќа на работа одговорноста на раководителот/работодавачот се намалува следбено на степенот на применети мерки за безбедност и здравје при работа.

 

АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје на своите клиенти им нуди комплетна услуга од областа на безбедноста и здравјето при работа со целосна одговорност и на високо професинолно ниво.

АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје е меѓу првите компании во Р. Македонија која доби Решение од Министерството за труд и социјална политика за вршење на стручни работи од областа на безбедност и заштита при работа.

Врз основа на член 45 став 1 од Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник бр.92/07 од 24.07.2007 година) Министерот за труд и социјална политика донесе решение со број 07-4863/4 од 16.08.2011 година со кое на правното лице АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје му се дозволува да врши стручни работи за:

–  Проценка на ризик

–  Концепт за Изјава за безбедност и

–  Изработка и спроведување на програми за обука на вработени за безбедно извршување на работата

Тимот кој работи во состав на Секторот за безбедност и заштита при работа е составен од пет инженери со положен стручен испит за безбедност и здравје при работа во Министерството за труд и социјална политика на Р.Македонија.

Изјавата за безбедност и проценка на ризик по работни места во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник на РМ бр. 92/07 од 24.07.2007 год) и Правилникот за начинот на изготвување на Изјавата за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова проценката на ризикот (Сл. весник на РМ бр.2/2009 од 05.01.2009 год) ќе опфаќа:

– датум на издавање на изјавата

– податоци на лицата кои учествувале при изработка на изјавата за безбедност со проценкa на ризикот

– податоци за претходни прегледи и испитувања на средствата за работа

– податоци за работните места, организациските единици на работодавачот и бројот на вработени

– проценка на ризикот

– податоци за стручните лица за безбедност при работа и за овластената здраствена установа.

Врз основа на член 60 од Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник бр.92/07 од 24.07.2007 година), работодавачите во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе мора да изготват и спроведат изјава за безбедност согласно со членот 11 став 1 од овој закон. Начинот на изготвување на Изјавата за безбедност е пропишан со Правилникот за начинот на изготвување на изјавата за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова проценката на ризикот (Сл. весник на РМ бр.2/2009 од 05.01.2009 година).

Непостапувањето по член 60 од Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник бр.92/07 од 24.07.2007 година) за работодавачите повлекува одредени прекршочни казни детално утврдени во членовите 56, 57, 58 и 59 од овој Закон кои можат да дотигнат и до износ од 8.000 евра во денарска противвредност. Законот предвидува одредени мандатни казни и за работниците доколку не се придржуваат до одредбите на овој Закон.

Безбедност и здавјето при работа недвосмислено претставува промислен пристап при заштеда на финансиски и материјални средства, како на вработените (трошоци за лекување, намалена работна способност, итн.), работодавачите (компензација за лекување, казни за непримена на заштитни мерки, дополнително работно време за изработка, итн) така и за самата држава каде што неконтролирано се исцрпуваат средствата од социјалните фондови за надокнада на лекувањето, периодот за закрепнување, итн.